3 March, 2026

Откриено целото име и презиме на најмладата жртва на серискиот убиец – мислеле дека починала од алкохол

Семејството Мартиновски пред еден месец ја погребало својата 35-годишна ќерка, верувајќи дека смртта настапила како последица од алкохол. Но, по наредба на обвинителството била извршена ексхумација и обдукција, која покажала дека станува збор за насилна смрт.

Случајот со убиствата во Старо Нагоричане продолжува да ја вознемирува јавноста.

„Џабе и правда да има, и сè да има, и богатство да ми нудат, и не знам што да ми нудат – јас го изгубив моето дете, по најскапата цена“, вели таткото на 35-годишната Марија, откако обдукцијата потврдила дека смртта била насилна.

Семејството за трагедијата дознало од соседите. Таа живеела кај роднини во Старо Нагоричане. Го познавала осомничениот и претходно раскажувала дека ја следи.

„Таа пријави во полиција, им рече дека ѝ досаѓа. Полицајците дошле, но тој не бил дома и не презеле мерки. Од тогаш – ете ја трагедијата. Им кажавме на соседките да проверат дали спие или е на работа. Кога отишле, вратата била отклучена. Ја викале, но не се јавувала. Ја нашле под јамболие, покриена. Кога стигнавме, веќе имаше полиција и лекари. Беше делумно покриена, полугола“, раскажува таткото.

Кобната вечер, неколку минути пред полноќ, таа се јавила на семејството. Им кажала дека некој чука на вратата и дека ќе се скрие.

И во овој случај, како и кај првата повозрасна жена од Челопек, судска медицина потврдила дека станува збор за насилна смрт.

Директорот на Судска медицина, Станков, изјави дека се подготвува писмениот извештај и дека најдоцна до понеделник обвинителството ќе ги добие наодите од обдукцијата и ДНК-анализите.

Обвинителството и надлежните институции продолжуваат со истрагата, при што се проверуваат повеќе случаи.

Осомничениот е во 30-дневен притвор во Казнено-поправната установа „Затвор Куманово“. Според информациите, му бил извршен лекарски преглед и се наоѓа во добра здравствена состојба.