5 March, 2026

(Видео) Јулија Ѓорѓиевска во драматична трка со инспекторите – ги бранеше кравите по ридовите во Крива Паланка

Во Крива Паланка кравите што со месеци слободно се движат низ регионот и понатаму не можат да бидат скротени.

Екипите на Телма од терен пренесоа драматична атмосфера – инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Министерството за внатрешни работи (МВР) се обидуваа да ги приберат животните, додека сопствениците ги бркаа по планината за да спречат одземање.

Меѓу најгласните беше Јулија Ѓорѓиевска, ќерка на сопственикот, која викајќи по кравите се обидуваше да ги оддалечи од инспекторите и да ги протера кон ридовите. По неа трчаше службеник, кој безуспешно се обидуваше да ја сопре.

И покрај акцијата, кравите и понатаму слободно се движат низ Кривопаланечкиот регион. Од вкупно околу 500 грла, денеска беа заловени само десетина, дел од нив од помошниот објект кај градскиот базен.

Акцијата не помина без тензии. Ќерките на сопственикот влегоа во директна конфронтација со службените лица и ги бркаа животните по ридовите. Во еден момент, инспекторите на АХВ беа и физички попречени, по што дојде до турканици со членовите на семејството.

Сопственикот Гоце Ѓорѓиевски изјави дека нема проблем со институциите, но бара кравите да бидат соодветно згрижени, бидејќи ги чуваат веќе 30 години.