14 February, 2026

Одмазда по отказ: Македонец запалил пицерија во Белград и испратил снимки до газдите

Државјанин на Северна Македонија, С. Г. (46), е уапсен под сомнение дека на 10 февруари запалил угостителски објект во белградската населба Вождовац, каде што претходно работел.

Според истрагата, мотив за инцидентот било неговото неодамнешно отпуштање. Тој наводно истурил бензин во објектот и го запалил, а потоа со мобилен телефон го снимил пожарот и ги испратил видеата до сопствениците, што се смета за закана по нивната безбедност.

Благодарение на брзата реакција на вработените, пожарот бил локализиран и спречено е негово проширување и поголема штета.

Осомничениот е приведен и му е одреден притвор до 48 часа. Против него се поднесува кривична пријава за предизвикување општа опасност и загрозување на безбедноста, по што ќе биде изведен пред надлежното обвинителство.