На социјалните мрежи повторно се појави лажна реклама во која познатиот актер Игор Џамбазов наводно тврди дека ослабел 27 килограми за само 34 дена.
Во рекламата се наведува дека Џамбазов користел „специјална метода“ со чија помош драстично ја намалил телесната тежина за четири недели, додека, како што се тврди, неговите пријатели и колеги во истиот период се здебелиле. Објавена е и наводна изјава од актерот, во која тој „признава“ дека првично бил скептичен, но по 34 дена употреба на производот изгубил 27 килограми и решил да престане бидејќи се чувствувал премногу слаб.
Дополнително, рекламата содржи и измонтирани фотографии во стилот „пред и потоа“, со цел да се создаде впечаток за автентичност на тврдењата.
Станува збор за целосно лажна содржина, а Џамбазов и претходно бил мета на измами и дезинформации на социјалните мрежи. Во јуни минатата година беше споделувана лажна објава дека наводно нападнал група фармацевти, проследена со измонтирано видео и фотографија генерирана со вештачка интелигенција, на која се прикажува како го апси полицијата.
Тогаш актерот остро реагираше на Инстаграм, осудувајќи ја злоупотребата на неговиот лик и ширењето лажни информации.

