Во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма повторно беше отворено прашањето за контроверзниот проект за извоз на мозочно ткиво од починати пациенти од Македонија во Соединетите Американски Држави, проект поврзан со името на професорот Горазд Росоклија, долгогодишен медицински експерт на Универзитетот Колумбија.
Поранешната новинарка Менче Точи изнесе сериозни обвинувања, тврдејќи дека со години ја истражувала темата, но никогаш не ја објавила приказната поради директни притисоци.
„Дечки, смирете го доживљајот.
За тие што не разбрале (или не сакале да разберат): не сум се откажала од истражувањето поради притисоци — тоа кај мене не поминува. Се повлеков поради други, објективни околности.
Читајте внимателно пред да коментирате, особено оние со брзи заклучоци и зли јазици.
И тогаш останав сама, како и сега, но не престанав јавно и гласно да зборувам, ниту да се соочувам со дотичниот професор од Колумбија — дури и на социјални мрежи. Сте читале, ама лесно се заборава. Заспаноста си го прави своето понекогаш 🙂
За целиот случај беа запознаени многу релевантни фактори, вклучително и лекарската фела.
Благодарна сум што имав можност јавно да го раскажам моето патешествие. Ова е единствената работа во животот што не сум ја истерала до крај — но во тој збир на околности, тоа беше невозможно.
Не ми треба публицитет, не грижете се. Го имам и повеќе од доволно, и искрено — ми пречи. Секогаш сум настапувала искрено, така и сега.
Благодарам за поддршката и разбирањето од огромен број луѓе. На нив не им требаа дополнителни објаснувања — сфатија.
Од денешна перспектива, смирено гледам назад и се прашувам дали некои луѓе воопшто ја заслужиле мојата беспоштедна борба низ сите овие години“, посочи Точи на својот профил на Фејсбук.

