15 February, 2026

„Пожарот се ширеше со голема брзина бидејќи целиот плафон беше со сунѓер“, вели сведок на пожарот во „Пулс“

Сведокот Петар Марковски на денешното судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“, при кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, изјави дека успеал да се спаси, но дека и денеска чувствува последици со оштетени дишни органи.

На прашања од Обвинителството, Марковски рече дека бил редовен посетител на дискотеката и дека билетите за вечерта биле купени од Тодор Јованов, брат на сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов-Деко. Обезбедувањето го сочинувале Лазар Захариев, Мартин Ѓеорѓиев, Ивица (чие презиме не го знае) и уште едно лице.

Тој објасни дека вратата зад шанкот се користела како излез за малолетници при полициски рации. Што се однесува до пиротехниката, сведокот рече дека се користела и претходно, најмалку десетина пати кога тој бил присутен во „Пулс“. Опишувајќи ги пиротехничките средства, тие биле во вид на прскалки, а плафонот, кој пред реновирањето бил повисок, бил спуштен.

„Се беше регуларно до моментот кога предложив да одиме да пиеме пијачка на шанкот. Тогаш, околу 2:30 часот, се вклучија прскалките и започна да гори плафонот. Пожарот се ширеше со голема брзина бидејќи целиот плафон беше со сунѓер. Сите беа во паника, а пред вратата се создаде стампедо. Јас се онесвестив, а по неколку минути ме разбуди девојче што ме познава. Врз мене беа три лица кои исто така беа онесвестени и бев заглавен под нив. Морав да ги соблечам патиките за да станам и да продолжам кон излезот. Во тој момент моите другари викаа за помош бидејќи еден од нив лежеше пред дискотеката. Исто така, помагав на сите кои имаа потреба од помош. По неколку минути се упативме кон болницата за да помагаме таму бидејќи ситуацијата беше хаотична“ – рече Марковски.

На прашањето дали некој ги упатувал како да го напуштат објектот, сведокот одговори негативно.