15 February, 2026

Реакции по снимката со малтретирање куче: Вината е кај родителите

На социјалните мрежи се ширеше вознемирувачко видео кое предизвика бурни реакции во јавноста. На снимката се гледа дете како малтретира домашно куче, влечејќи го за едното уво и удирајќи го со другата рака. Во еден момент детето изговара: „Што е со тебе проблемот“, додека кучето ржи и реагира, по што детето почнува да плаче.

Видеото било објавено на Инстаграм стори, а за кратко време предизвика бројни реакции на осуда од граѓани и здруженија за заштита на животните.

„Ова не е игра, ниту воспитување. Станува збор за малтретирање и нечовечно постапување со животно, што е казниво со закон. Агресивното однесување кај децата е последица на неодговорно воспитување. Секое насилство – без разлика дали е насочено кон човек или животно – остава трајни последици и поттикнува уште поголема агресија. Одговорноста секогаш е кај возрасните“, порачуваат загрижени граѓани и активисти за заштита на животните.

Од здруженијата за заштита на животните апелираат надлежните институции да го испитаат случајот и да утврдат одговорност, потсетувајќи дека Законот за заштита и благосостојба на животните јасно го забранува секое малтретирање и насилство врз животни. Тие нагласуваат дека ваквите содржини не смеат да се игнорираат, бидејќи навремената реакција е клучна за спречување на понатамошно насилство.