Додека Швајцарија и меѓународната јавност сè уште тагуваат по 40-те жртви кои загинаа во новогодишната ноќ во клубот „Le Constellation“, сопствениците на објектот, Жак и Џесика Морети, ја шокираа јавноста со својата одбрана. Наместо преземање одговорност, тие вината за трагичниот пожар ја префрлија врз своите млади вработени, со посебен акцент на 24-годишната келнерка Сијан Панина, која и самата го загуби животот во пламените јазици.
Според транскриптите од распитите до кои дојде францускиот весник Le Parisien, Жак Морети тврдел дека Панина на своја иницијатива изведувала „перформанс“ со шишиња шампањ и пиротехнички прскалки, што довело до запалување на таванот изработен од лесно запалива пена.
„Сијан сакаше да биде дел од шоуто и не видовме опасност“, изјавил Морети пред обвинителите, иако во исто време признал дека никогаш не ѝ дал никакви безбедносни упатства.
Овие тврдења ги негираат семејството на починатата девојка, како и преживеани сведоци од трагедијата. Тие посочуваат дека токму сопственичката Џесика Морети ја принудувала Сијан да го носи шампањот со кацига на главата, како дел од „шоу-програмата“.
Еден од клучните и најконтроверзни моменти во истрагата е прашањето зошто излезот за итни случаи во подрумот на клубот бил заклучен. Токму зад таа врата било пронајдено безживотното тело на Сијан Панина. Сопствениците тврдат дека друг вработен го затворил резето додека носел мраз, но обвинетиот вработен категорично ги отфрла овие наводи.
Дополнителна вознемиреност во јавноста предизвика видеоснимка која се појави на социјалните мрежи, а на која, наводно, се гледа како сопственичката Џесика Морети го напушта клубот носејќи ја касата со пари, без да им помогне на лицата кои во тој момент се бореле за живот.
На прашањата на истражните органи за присуството на малолетници во клубот – меѓу кои и 14-годишно дете кое загинало во пожарот – Џесика Морети кратко одговорила дека „можеби имале лажни лични карти“.

