Македонија се соочува со целосен прекин на товарниот сообраќај на граничните премини. Од утре напладне (понеделник), околу 370 камиони ќе ги блокираат излезите од државата, а од полноќ ќе бидат блокирани и влезните терминали. Оваа радикална мерка ја најави Асоцијацијата „Макамтранс“ како одговор на новите правила на Европската Унија.
Причината за револтот се новите правила за влез и излез во Шенген-зоната, според кои професионалните возачи од Западен Балкан се третираат како обични туристи. Тоа значи дека имаат право на престој во ЕУ од најмногу 90 дена во период од 180 дена, по што со месеци нема да можат да ја извршуваат својата работа, што директно го загрозува меѓународниот транспорт.
Билјана Муратовска од „Макамтранс“ предупредува дека ваквата состојба може да доведе до сериозни последици, како зголемување на цените на производите и преселување на транспортните компании во странство. Таа истакнува дека превозниците не сакаат да нанесат штета ниту на себе ниту на стопанството, но дека постои реална опасност голем број фирми од регионот да го префрлат својот капитал во земји од ЕУ, што би довело до колапс на целото стопанство.
Блокадата ќе ги опфати сите клучни гранични премини за товарен сообраќај, и тоа кон Бугарија на Деве Баир, Делчево и Ново Село, кон Грција на Дојран, Богородица и Меџитлија, кон Албанија на Ќафасан и Блато, како и кон Косово на Блаце.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека блокадата се однесува исклучиво на комерцијалниот транспорт и дека патничкиот сообраќај нема да биде попречен. Слободно ќе се одвива движењето на патнички возила и автобуси, како и транспортот на лекови, жива стока, опасни материи и други приоритетни пратки.
Протестот е дел од поширока регионална акција, при што македонските превозници се координирани со колегите од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, кои исто така најавуваат блокади на премините кон Европската Унија. Поддршка на протестите има и од Албанија, Косово и Турција.
Предвидено е блокадите да траат седум дена, но превозниците порачуваат дека камионите ќе бидат повлечени веднаш штом добијат сигнал дека надлежните институции се подготвени да започнат преговори за надминување на проблемот.

