15 February, 2026

„Не мислеше на себе“ – Откриени потресни детали од ноќта кога Стефан од Србија загина спасувајќи луѓе во барот на смртта

Семејството на Стефан го потврдило неговиот идентитет преку ДНК-анализа. Стефан имал двојно државјанство, а со години живеел и работел во Швајцарија. Француската тинејџерка Викторија, која меѓу првите инстинктивно успеала да се спаси заедно со своите четири пријателки, раскажа како Стефан Ивановиќ спасувал луѓе од барот во Кран-Монтана.

Викторија за француските медиуми изјавила дека при излегувањето го известила момчето од обезбедувањето на влезот во барот дека во подрумските простории избил пожар. Според сите индиции, се работи токму за Стефан.

Таа раскажа дека младиот човек веднаш истрчал надолу и почнал да спасува луѓе. Навела дека бил храбар и дека ѝ е жал за момчето кое, најверојатно, повеќе не е меѓу живите. Стефан очигледно не го штедел ниту себе ниту својот живот, обидувајќи се да им помогне на настраданите.

Роднина на Стефан Ивановиќ, по кого се трагаше неколку дена, за медиумите потврди дека е утврдено оти Ивановиќ настрадал во пожарот. Потсетуваме, семејството претходно испратило ДНК-примерок.

Колега на Стефан Ивановиќ изјави за медиумите дека со него работел околу десет години.

– Прекрасно момче, вредно. Агенцијата во која сме вработени ги испраќа луѓето според потребите, така што таа вечер Стефан случајно беше испратен во барот. На неговото место можев да бидам јас, или некој друг од нашите колеги – изјавил тој по страшниот пожар во Швајцарија, во ски-центарот Кран-Монтана, во кој загинаа повеќе од 40 луѓе.

Пет дена по трагичниот пожар во барот „Le Constellation“ во Кран-Монтана, Швајцарија, во кој за време на новогодишната ноќ загинаа 40 лица, се огласија и сопствениците на локалот, брачниот пар Морети. Во соопштението што Џесика и Жак Морети ѝ го упатија на јавноста преку своите адвокати, наведоа дека се „целосно скршени“ од трагедијата што се случила.