15 February, 2026

Косовски медиуми тврдат дека Груби се појавил во јавност, со капа на главата и пуштена брада

Извор на косовската новинска агенција „Косова прес“ тврди дека вчера попладне го видел поранешниот вицепремиер и бегалец Артан Груби во Приштина, пренесува косовскиот медиум.

Според написот, поранешниот функционер, кој е во бегство од декември 2024 година и се наоѓа на црната листа на Соединетите Американски Држави, наводно престојува во населба недалеку од центарот на косовскиот главен град. Изворот тврди дека Груби бил во придружба на две деца, облечен во зимска јакна и спортска облека, со капа на главата и пуштена брада.

Во меѓувреме, македонската полиција и понатаму трага и по поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами.

На 16 декември 2024 година, по отворањето истрага од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за сериозни злоупотреби со тендери во „Државна лотарија“, се дозна дека Груби ја напуштил земјата. Оттогаш, нема официјални информации за неговата локација.

Неколку дена пред бегството, Груби беше ставен на црната листа на САД, заедно со апелациониот судија Енвер Беџети, поради „значителна корупција“, поврзана со примање мито за влијание врз судски постапки против поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. За овие наводи беше отворена истрага, а судијата Беџети неодамна беше разрешен по повторена постапка во Судскиот совет.

Единствена досегашна информација за можната локација на Груби јавно ја изнесе лани еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити, кој тврдеше дека тој се крие во Албанија. Сепак, ова тврдење досега не е официјално потврдено од надлежните институции, а МВР и по повеќе од една година сè уште нема податоци за неговата точна локација.