15 February, 2026

Поплави во битолско, под закана и локалитетот Хераклеа: Јавните претпријатија во ноќна битка со стихијата

Водостојот на Црна Река кај Новаци изнесува 2,18 метри, информира градоначалникот на Битола, Тони Коњановски. Поради обилните врнежи од дожд, екипи на битолските јавни претпријатија цела ноќ интервенираа на повеќе критични локации во градот и околината.

Екипи на јавните претпријатија „Водовод“, „Комуналец“, „Нискоградба“, како и припадници на противпожарната единица на Битола, расчистуваа на улиците „Крушевска“ и „Македонска фаланга“, кај поранешниот „Прогес“, по што водата на овие локации се повлече, соопштија од Општина Битола.

Градоначалникот Коњановски, кој синоќа беше на терен, информира дека проблеми со надојдена вода има и во селото Кравари, каде што интервенираат пет машини од јавните претпријатија со цел чистење на каналите.

Состојбата на реката Драгор засега е стабилна до сливот со Црна Река. На мерната станица „Стрежево“ се измерени 40 литри дожд на квадратен метар во изминатите 12 часа, што предизвика локални поплави.

Поплавени се и делови од патот за Новаци кај селото Логоварди, како и во Долно Оризари, Карамани и по течението на реката Драгор. Денеска се очекува екипи на „Битолско Поле“, со целата расположлива механизација, да продолжат со чистење на одводните канали.

Од Општина Битола информираат дека „Нискоградба“ интервенира и во селото Канино, на улицата „Скоевска“, а ќе се работи и во Кажани, како и на влезот на Битола кај Горно Оризари. Интервенции се извршени и кај археолошкиот локалитет Хераклеа, на улицата „Солунска“ во населбата Боримечка, Лавчански пат и во населбата Стрчин.

Поголеми поплави се регистрирани и во селото Лера, каде заглавено дрво кај мал мост го попречува истекувањето на водата. Забележано е значително зголемување на водостојот на реката Шемница, а патот кон селото Доленци е привремено затворен за сообраќај.