За разлика од пред еден ден, состојбата со поплавите во Косово се чини дека се подобрува. Во општина Малишево, состојбата се стабилизира, а надлежните работат на евидентирање и проценка на штетите предизвикани од поплавите. Службите за итни случаи, во соработка со Силите за безбедност на Косово, вчера помогнаа во евакуацијата на загрозените семејства.
Евакуирани се 20 семејства во Ѓаковица и 6 семејства во Малишево. Во меѓувреме, министерката за образование во технички мандат, Арберије Наѓавци, информираше дека почетокот на наставниот процес, планиран за денеска, е одложен за понеделник, 12 јануари.
Како последица на обилните врнежи во Косово, поголемиот дел од реките, особено во западниот и централниот дел на земјата, бележат значително зголемување на водостоите, при што на одредени делници излегле од коритата и предизвикале локални поплави.

