Автобус со македонски регистарски таблички синоќа целосно излетал од автопатот кај местото Добановци, од правец на градот, јавуваат утрово српските медиуми.
Засега нема официјални информации за состојбата на патниците и возачот. Според неофицијални наводи, возач на друг автобус застанал на местото на несреќата со цел да помогне.
Од вчера речиси цела Србија е зафатена од обилни снежни врнежи. ЈП „Патишта на Србија“, врз основа на извештајот на Штабот за зимска служба објавен во 5:09 часот утрово, соопшти дека снег има на бројни делници од најфреквентните патни правци од прв, втор и трет приоритет за одржување.
Дебелината на снежната покривка достигнува до пет сантиметри, а коловозите се влажни, поради што надлежните апелираат на внимателно и прилагодено возење.

