15 February, 2026

Пешакот се движел непрописно, возачот не внимавал – детали за трагедијата во Волково

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против 40-годишна скопјанка која се сомничи дека предизвикала тешка сообраќајна несреќа во населбата Волково, во која животот го загуби едно лице.

Несреќата се случила вечерта на 3 јануари. Според првичните сознанија на обвинителството, осомничената управувала автомобил марка „мерцедес“.

До кобниот удар дошло бидејќи возачот не обрнал доволно внимание на движењето на патот.

„Осомничената управувала автомобил, задржувајќи ист правец на движење, но без притоа да обрне доволно внимание на пешаците кои се наоѓаат на коловозот“, се вели во соопштението.

Таа со предниот десен дел од возилото удрила во пешакот Горан Иваноски. Од Обвинителството посочуваат дека и пешакот се движел непрописно – тој одел покрај десниот рабник вдолж коловозот, во иста насока пред автомобилот, иако бил должен да се движи по тротоарот.

За жал, од силината на ударот, пешакот се здобил со тешки телесни повреди и починал на лице место.

Надлежниот јавен обвинител поведе постапка за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Издадени се наредби за вештачења за да се утврдат сите околности, а за осомничената се предложени мерки на претпазливост:

  • Забрана за напуштање на живеалиштето;
  • Одземање на патната исправа (пасош).