15 February, 2026

Се обложил на пад на Мадуро и освоил 437.000 евра: Веројатноста за интервенција против Венецуела била проценета на 6 отсто

Некои обложувачи остварија огромни профити по апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро. Иако веста за неговото апсење беше целосно изненадување за голем дел од американската јавност, поединци очигледно биле чекор понапред и заработиле илјадници долари, објави „Волстрит журнал“.

Овие обложувања повторно ги отворија долгогодишните прашања за можна злоупотреба на инсајдерски информации со цел остварување финансиски профит.

Според извештајот, од новоотворена сметка во петокот биле вложени 30.000 долари на облог за заминување на Мадуро од власт. Откако тој бил уапсен во саботата наутро и подоцна приведен во американски притвор, на обложувачот му биле исплатени 436.759,61 долари.

Обложувањата на прашањето „Мадуро во американски притвор до 31 јануари?“ нагло пораснале околу 4:20 часот наутро по источно време во саботата, приближно во периодот кога Доналд Трамп јавно објави дека Мадуро е уапсен. Помал пораст бил забележан и околу 3 часот наутро.

Пазарите за предвидување и претходно покажувале значајни осцилации за време на политички кризи, спортски настани и други клучни моменти, па интересот околу апсењето на Мадуро не е изолиран случај. Ваквите пазари добија национално внимание по претседателските избори во САД во 2024 година, кога значително отстапуваа од проценките на политичките аналитичари.

Во меѓувреме, се очекува конгресменот Ричи Торес, демократ од Њујорк, да предложи закон со кој би се ограничило учеството на федерални избрани функционери и одредени политички актери на пазарите за предвидување.