Тагата во Швајцарија станува сè поголема како што пристигнуваат резултатите од идентификацијата на жртвите од пожарот во Кран-Монтана. Швајцарската полиција потврди дека се идентификувани уште 16 лица, меѓу кои има голем број малолетници. Истовремено, обвинителството отвори кривична истрага против раководството на локалот.
Со новите податоци, вкупниот број на идентификувани жртви се искачи на 24, откако вчера беа идентификувани осум.
Деветмина од жртвите се малолетници
Најпотресни се деталите за возраста на жртвите. Од 16-те новоидентификувани, деветмина се помлади од 18 години.
Најмладата идентификувана жртва е 14-годишно девојче од Швајцарија, додека меѓу загинатите има и двајца 15-годишници.
Меѓу жртвите се и државјани на Швајцарија, Италија, Романија, Турција и Франција.
Кривична истрага за брачната двојка Морети
Швајцарските обвинители не губат време во барањето одговорност. Отворена е кривична истрага против сопствениците на барот „Ле Констелацион“, Жак (49) и Џесика Морети (40).
Тие се соочуваат со сериозни обвиненија за:
- Убиство од небрежност;
- Нанесување телесни повреди од небрежност;
- Предизвикување пожар од небрежност.
Кобниот шампањ
Првичните сомнежи за причината на пожарот се потврдуваат. Истрагата укажува дека огнот веројатно бил предизвикан од пиротехнички прскалки поставени на шишиња шампањ. Тие биле премногу приближени до плафонот, кој најверојатно бил обложен со лесно запалив материјал за звучна изолација, што довело до моментално разгорување на пожарот.
Билансот на трагедијата останува стравичен: најмалку 40 загинати и 119 повредени.

