15 February, 2026

Металното страно тело предизвикало тешки повреди на мозокот, појаснуваат од Здравство за починатото детенце

Министерството за здравство се огласи со официјално соопштение во врска со случајот со починатото двегодишно дете, кое беше тешко повредено за време на новогодишната ноќ.

Како што информираат од Министерството, детето најпрвин било примено во Ургентниот центар, а поради сериозноста на состојбата било префрлено на Клиниката за неврохирургија, каде било сместено на одделот за интензивна нега.

„Детето беше интубирано и поставено на механичка вентилација, со ординирана антибиотска и антиедематозна терапија, како и под 24-часовен медицински мониторинг. Интензитетот на деструкцијата на мозочното ткиво не дозволуваше хируршко лекување“, појаснуваат од Министерството.

И покрај максималните напори на медицинскиот тим, исходот бил трагичен поради исклучително тешките повреди на мозокот предизвикани од метално страно тело.

„Изразуваме најдлабоко и искрено сочувство до семејството и најблиските во овие неизмерно тешки моменти“, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.

Оттаму уште еднаш апелираат до граѓаните новогодишните празници да се одбележуваат мирно и достоинствено, без употреба на пиротехнички средства и петарди, а особено без користење огнено оружје.

„Последиците од ваквото неодговорно однесување се сериозни и, за жал, можат да бидат и фатални“, предупредуваат од Министерството.