Вработените во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) 2025 година ја завршија без исплатен регрес за годишен одмор (К-15).
Законската обврска за исплата не беше исполнета до 31 декември, поради што вработените најавуваат тужби. И лани, К-15 им беше исплатен во намален износ и тоа на два дела, што е спротивно на закон. За тој случај веќе е поведена судска постапка, која сѐ уште нема конечен епилог.
Новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во својата кампања ветуваше решавање на состојбите во ЈСП, но вработените досега не ги добија средствата што законски им следуваат.
Сепак, со новиот буџет на Град Скопје, Ѓорѓиевски најави 15 милиони евра субвенции за ЈСП „Скопје“, оценувајќи дека станува збор за рекордна поддршка за претпријатието.
Според извори на „Локално“, минатата недела синдикатите во рамки на ЈСП одржале состанок со директорот на претпријатието, при што било договорено К-15 да се зголеми на 18.000 денари. Договорот, како што се наведува, бил одобрен и од Управниот одбор.

