15 February, 2026

Бившиот директор на Шутка, Сокол, осуден на затворска казна

Поранешниот директор на истражниот затвор Шутка, Филип Андов – Сокол, доби затворска казна од осум месеци за злоупотреба на службената положба. Според Кривичниот суд, Андов заедно со уште шест затворски чувари им овозможувале на затвореници со висок безбедносен ризик слободно да се движат низ затворот.

Останатите обвинети се осудени на условни казни: двајца за злоупотреба на службената положба, а четворица за несовесно работење во службата. Условните казни се движат од три до осум месеци, зависно од стореното дело, и нема да се извршат доколку во следниот период не се сторени нови кривични дела.

Пресудата е неправосилна и обвинетите имаат право на жалба пред Апелациониот суд.

Андов беше уапсен на крајот на февруари, откако по смената на власта, новиот директор на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, спроведе акција во затворите и утврди низа злоупотреби во раководењето со затворските установи.