15 February, 2026

Како директорката на Центарот за социјални работи во Тетово добила пари за туѓа нега и четири месеци „гратис“

Сегашната директорка на Центарот за социјални работи, Магдалена Веселиноска, додека била вработена во истата институција, поднела барање и добила надоместок за помош и нега од друго лице од Центарот во кој работела, пишува Portalix.

Првото барање било поднесено на 3 јуни 2021 година со дијагноза леиомиом на матка, но тројца лекари од Клиничката болница во Тетово дале негативно конзилијарно мислење, оценувајќи дека не постои основ за одобрување на туѓа нега.

По второ барање, Веселиноска добила позитивно мислење врз основа на нова дијагноза – тешка депресивна епизода, по што конзилиумот во октомври 2021 година одобрил туѓа нега од помал обем.

Иако позитивното мислење е донесено на 4 октомври 2021 година, во решението било наведено дека правото на надоместок важи од јуни 2021 година, односно од датумот на првото, претходно одбиено барање, што отвора сомнежи за ретроактивна исплата.

Веселиноска тврди дека како вработена не влијаела врз процедурите и дека одлуките ги носеле стручните комисии, додека дел од познавачите укажуваат на сомнежи околу оправданоста на дијагнозата и начинот на одобрување на надоместокот.