15 February, 2026

Почина познатиот скопски бизнисмен

Со длабока тага, Автокоманда и цела Гази Баба денеска се простуваат од својот сограѓанин Боби Ле Петит (Стојковиќ). Веста за неговата смрт силно одекна во локалната заедница, каде што беше препознатлив како симбол на хуманост, добрина и искрено пријателство.

Неговото заминување остави голема празнина во срцата на сите што го познаваа. Според блиските, Боби водел тешка и долга животна битка, борејќи се лавовски до самиот крај, но за жал, болеста била посилна.

Со емотивна порака на социјалните мрежи се огласи и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој истакна дека за Боби никој немал лош збор.

„Си замина Боби Ле Петит… Човек со големо срце, хуманист, пријател, вистински другар. Лавовски се бореше, но за жал не успеа. Не постои човек кој за него ќе каже лош збор“, напиша Стефковски.

Тој упати искрено сочувство до семејството Стојковиќ, нагласувајќи дека оваа загуба не е само лична, туку и колективна.

„Денес загубивме сите – не само неговото семејство. Загуби Автокоманда и цела Гази Баба. Искрено сочувство до семејството Стојковиќ, за кои нема зборови за утеха. Ќе останат спомените по кои засекогаш ќе го паметиме Боби. Збогум, пријателе“, стои во прошталната порака.