16 April, 2026

„Мајка со голи раце го кршеше ѕидот за да влезе, а полицијата и синот на газдата само гледаа“

„Видов мајка како со голи раце го крши ѕидот за да влезе и да си го спаси детето. Тоа беше Габриела Наумова, мајката на Надица. Бараше помош да го скрши ѕидот бидејќи вратата беше претесна, но никој не ѝ помогна. Таа беше сама.“

Оваа сцена, како една од најпотресните, пред судот ја опиша Ирена Минова, која пристигнала пред дискотеката „Пулс“ околу 02:50 часот. Таа сведочеше за очајот и беспомошноста на родителите кои, според неа, во тие моменти биле оставени сами на себе.

Минова упати и директни обвинувања кон полициски службеник и синот на сопственикот на дискотеката. Таа изјави дека слушнала група деца како бараат помош од прозорец со решетки на левата страна од објектот.

„Побараа помош од службеното лице Драган Петрушев. Таму го видов и Михајло, синот на газдата, како седи, а до него стоеше и полицаецот. Децата викаа и бараа спас, а тие стоеја и гледаа. Кога почна да паѓа и да пука нешто, тие се повлекоа назад“, сведочеше Минова.

Таа ја оспори одбраната на обезбедувањето и персоналот дека постапувале херојски. „На вратата го видов обезбедувањето, Лазар. Ги прифаќаше децата што излегуваа, но не видов некој да влезе внатре и да помага. Ако е точно дека сите спасувале, немаше да има жртви. Помагаа само оние што подоцна загинаа, бидејќи внатре немаше простор ниту да влезеш, ниту да излезеш жив“, изјави таа.

Минова раскажа и дека полицијата претходно извршила контрола, при што дел од малолетниците биле изнесени надвор од дискотеката. Нејзиниот син, брат на Драгана, во тој момент бил надвор и најпрво помислил дека станува збор за тепачка, а потоа сфатил дека е пожар.

„Сакаше да се врати внатре за да ја бара сестра му, но не успеа“, рече Минова, додавајќи дека Драгана, за жал, останала во објектот.