15 February, 2026

„Не сфаќав дека се мртви… мислев дека се онесвестени од чадот“ – сведочеше мајката на починатоит Андреј кој бил повикан на работа во 1 часот по полноќ бидејќи имало премногу гости

Сведочењето на Марија Петрушева во предметот за пожарот во Кочани донесе нови сознанија за хаосот и пренатрупаноста во дискотеката „Пулс“. Според нејзиниот исказ, иако нејзиниот син Андреј бил видливо уморен, тој бил повикан вонредно на работа во 1 часот по полноќ, по инсистирање на сопственикот, поради големиот број посетители.

Петрушева пред судот ги опиша „сцените од пеколот“ пред објектот, каде заедно со сопругот очајнички ги барале своите деца. Додека сопругот влегувал во густ чад во обид да ги пронајде синовите, таа останала надвор и ги проверувала телата на младите луѓе кои лежеле пред дискотеката.

„Се наведнував и ги превртував децата за да видам дали некој од нив е мој. Не сфаќав дека се мртви… мислев дека се онесвестени од чадот“, сведочеше Петрушева.

Овој дел од нејзиниот исказ предизвика силни емоции во судницата, по што еден од присутните родители во публиката вознемирен ја напуштил просторијата. Таа истакна дека информацијата оти Андреј имал „слаб пулс“ при транспортот во болница била последната искра надеж, која подоцна згаснала.

Сведочењето, според обвинителството, директно ги поткрепува тврдењата дека дискотеката работела со капацитет значително поголем од дозволениот, што придонело за трагичните последици.