Од март следната година, наставниците ќе го добијат договореното покачување на платите, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска на брифинг со новинарите. Покачувањето ќе изнесува меѓу 7,5 и 10 проценти, во зависност од начинот на пресметка.
– Тоа е силен мотив за наставниците. Она што со години не успеало да се реализира, ние го направивме. Дополнителен поттик е и воведувањето на кариерно напредување и натпреварување. Горда сум на резултатите што ги постигнавме, што беа нотирани и во извештајот на Европската комисија – изјави Јаневска.
Министерката информираше и дека годинава ќе се спроведуваат два вида матура. Во стручната матура, прашањата ќе бидат прилагодени на наставниот материјал, додека во државната матура ќе останат исти, како и досега.
Учениците од средните стручни училишта ќе имаат можност да полагаат и државна матура, доколку не планираат да продолжат со студии во струката која ја изучувале.

