Александар В. (36) ги убил своите родители со нож во семејниот стан во Крушевац, по што извршил самоубиство скокајќи од седмиот кат на зградата, јавуваат српските медиуми.
Пожарникарите, кои вчера наутро ја скршиле вратата од станот, затекнале стравична сцена. Според првичните информации, речиси сите простории биле натопени во крв, а се сомнева дека таткото и мајката се обиделе да побегнат од својот син, кој им нанел повеќекратни убодни рани по целото тело.
Убиениот Драган В. бил еден од најпознатите лекари во Крушевац, додека Александар В. наводно неодамна бил именуван за менаџер во приватна компанија. Жителите на градот велат дека ништо не укажувало дека може да се случи ваква трагедија.
Пријателите и познаниците на Александар се во целосен шок. Како што велат, тој никогаш не покажувал знаци на агресија.
„Александар беше културен, љубезен и посветен на семејството. Редовно ги посетуваше родителите. Последните денови беше настинат и не излегуваше од дома, но разговаравме по телефон и сè изгледаше нормално. Не можам да поверувам што се случи“, изјави негов пријател за српскиот весник „Курир“.
Трагедијата започнала кога соседите наутро пријавиле дека на тротоарот пред зградата е пронајдено тело на млад човек. Набрзо било утврдено дека станува збор за Александар В., кој си го одзел животот скокајќи од седмиот кат.
По влегувањето во станот, полицијата ги пронашла телата на неговите родители и ножот со кој, според сомневањата, биле извршени убиствата.
Соседите раскажуваат дека претходно слушнале вресоци, по што завладеала тишина, која била прекината од сирените на полицијата и брзата помош.
Мотивот за овој двоен убиство и самоубиство засега е непознат. Во семејството немало претходни пријави за насилство, а истрагата е во тек.

