Затрупани под снежна лавина на планината Варду́сија, во централна Грција, синоќа беа пронајдени безживотните тела на четворица планинари кои од средата се водеа за исчезнати. Во тек е операција за извлекување на телата со хеликоптер, јави дописничката на МИА од Атина.
Телата на тројцата мажи и една жена беа пронајдени по повеќечасовна потрага во тежок и непрооден терен, покриен со свеж снег, од страна на спасувачките екипи на грчката противпожарна служба.
Член на Грчката спасувачка служба од областа Атика за телевизијата „Скај“ изјави дека несреќата се случила на надморска височина од околу 2.000 метри, во планински масив со карпи и стрмни падини, дополнително отежнати од снежната покривка.
Безживотните тела биле лоцирани уште синоќа, но поради лошите временски услови и ноќта, операцијата за нивно извлекување започна денеска.
Група од пет лица, меѓу кои и искусни планинари, тргнала на планинарење во средата, на Божиќ. Еден од нив се откажал од искачувањето, а откако не успеал да воспостави контакт со останатите четворица, ги известил надлежните служби.
Веднаш била покрената обемна спасувачка операција со ангажман на околу 30 пожарникари, специјално возило, тим за беспилотни летала од областа Тесалија, членови на Грчката федерација за планинарење, Грчката спасувачка служба и хеликоптер, во координација со грчката полиција.
Кои се загинатите?
Танасис Колутурос – 55-годишник од Лехенај, искусен алпинист, познат во планинарските кругови по своите бројни тешки искачувања. Танасис беше пронајден закопан под лавината заедно со останатите тројца алпинисти на исклучително тешко место во планинската Фокида. Групата тргнала рано наутро од населбата Атанасиос Дијакос со цел да ја искачи тешката зимска рута до Варду́сија. Петтиот член на експедицијата, близок пријател на Танасис, не успеал да се придружи поради професионални обврски и го известил властите откако не успеал да воспостави контакт со другите.
Јоргос Домалис – лидер на групата, со богато искуство во планините и добро познавање на рута. Јоргос поседувал куќа во селото Атанасиос Дијакос и често се качувал во тој регион. Тој дипломирал на Одделот за компјутерско инженерство на Универзитетот во Патрас и бил ко-основач на компании фокусирани на иновации во трговијата со апликации за вештачка интелигенција. Компанијата за која работел издаде соопштение:
„Со тага се збогуваме со извршниот директор на нашата подружница „Новелкосмос“ и нашиот добар пријател Џорџ Домалис, кој загина во планинарска несреќа во Варду́сија. Најтопло сочувство и сила до неговото семејство и најблиските.“
Константинос Патикас – работел за софтверска компанија и имал голема љубов кон екстремните спортови и авантури, често споделувајќи моменти од активностите преку својот YouTube канал.
Теодора Каплани – 31-годишна наставничка од Фотада, Трикала, која работела како заменик наставничка во Нафплио. Пријателите и роднините ја опишуваат како жена со редок морал, длабока љубов кон образованието и посветеност кон учениците. За Теодора, планината не била само рекреативна активност, туку начин на живот и внатрешна рамнотежа.
Нејзините родители ја дознаа трагичната вест од Противпожарната служба и од алпинистите кои ја контактирале групата неколку часа пред фаталното искачување.

