Во Кочани денеска се одржа 35. „Марш за ангелите“, протестен собир на кој родителите на загинатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ повторно побараа правда за своите деца.
На маршот се обрати таткото на загинатата Надица Наунова, која утре требало да го прослави својот 18. роденден, но нејзиниот живот трагично згасна во пожарот на 16 март. Во емотивен и потресен говор, тој ја опиша неописливата болка со која неговото семејство живее секој ден.
Тој истакна дека Надица не го загубила животот по Божја волја, туку поради корупција и системски пропусти. Во своето обраќање откри и дека ќерката го молела семејството да се иселат од Македонија, но таа желба никогаш не била реализирана.
„Го славиме твојот небесен роденден, ќерко моја. На 8 Март мојата Надица ѝ го подари последниот подарок на својата мајка – мал гест, но исполнет со огромна љубов, каква што само едно дете знае да даде. Не знаевме дека тоа ќе биде нејзиното последно ‘те сакам’ преточено во дело. Седнавме тогаш да ручаме како вистинско семејство – разговаравме, се смеевме, си ги гледавме лицата со радост и надеж. Зборувавме за нашиот најсреќен ден, 28 декември, кога мојата прва рожба и мојата најголема радост требаше да наполни 18 години. Зборувавме за музиката што ќе ја избере, за диџејот што ќе ја крене салата на нозе, за фустанот што ќе го носи и колку ќе биде убава. Зборувавме за гости, за пријатели од Србија, за смеа, за радост, за торта. Тоа не беа само планови – тоа беше живот што го очекувавме. А на 16 март, тој живот згасна“, рече низ солзи таткото на Надица.

