Македонското чудо од дете уште еднаш ја воодушеви јавноста со извонреден успех на меѓународната сцена. Малиот математички гениј, Македон Димитровски, освои златен медал на Германската математичка олимпијада – престижен натпревар на кој учествуваат најдобрите млади математичари од повеќе земји.
Со овој врвен резултат, Македон се квалификуваше за суперфиналето кое ќе се одржи во мај 2026 година во Франкфурт.
„Македон постигна исклучителен успех освојувајќи златен медал на Германската математичка олимпијада, и тоа со максимален број бодови. Овој резултат му обезбеди пласман на суперфиналето во Франкфурт, кое ќе се одржи во мај 2026 година. Успехот е доказ за неговата посветеност, знаење и талент. Добивме најубав новогодишен подарок – ти благодариме“, напиша таткото на Македон во објава на Фејсбук, споделувајќи ја радоста со јавноста.
Овој успех претставува големо признание за исклучителниот талент, труд и љубов кон математиката на младиот Македон, но и значајна промоција на Македонија на светската образовна мапа.
Постигнатиот резултат е уште еден доказ дека и од нашата земја излегуваат млади умови кои рамноправно се натпреваруваат со светската елита, влевајќи надеж и инспирација кај идните генерации ученици дека со знаење, упорност и посветеност – граници не постојат.

