По долгогодишна пауза, односно прва ваква контрола од 2012 година, надлежните институции извршија проверки во 49 гинеколошки ординации низ државата. Резултатите покажаа сериозни неправилности, при што речиси половина од контролираните ординации, односно 23, работеле спротивно на закон, на штета на пациентките и на државниот буџет.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, истакна дека матичните гинеколози добиваат средства од Фондот преку капитација и немаат право да наплатуваат за основните здравствени услуги. Сепак, контролите утврдиле дека осум ординации незаконски наплаќале за ехопрегледи, колпоскопија, земање брис за микробиолошко испитување и ПАП-тестови, иако овие услуги, согласно медицината заснована на докази, кај избраниот лекар треба да бидат бесплатни.
Контролите биле спроведени во Скопје, Битола, Прилеп, Тетово, Штип и Струмица, при што се утврдени значителни разлики меѓу градовите. Најголем број неправилности се евидентирани во Струмица, каде од пет контролирани ординации, четири биле неуредни. Во Скопје, од вкупно 16 ординации, кај девет биле утврдени прекршоци, додека Битола и Прилеп се издвоиле како најдисциплинирани, со околу 70 проценти од ординациите кои работеле без забелешки.
Директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, укажа дека даночниот морал во овој сектор е на ниско ниво. Иако здравствените услуги се ослободени од ДДВ и подлежат на симболичен данок на добивка од 1 процент, кај 35 проценти од ординациите, односно кај 16 здравствени установи, биле утврдени неправилности во евидентирањето на готовинскиот промет, при што не биле издавани фискални сметки.
„Неевидентирањето на приходите создава простор тие средства да се користат како неоданочени лични примања и за стекнување личен имот, што директно ја поттикнува сивата економија“, предупреди Петрова.
За сите 23 ординации кај кои се утврдени неправилности се изречени парични казни. Од УЈП најавија дека ова претставува последна опомена, бидејќи при повторна неправилност во рок од две години ќе следува запечатување на ординациите во времетраење од 15 до 30 дена.

