15 February, 2026

Поскапува прегледот кај специјалист, ќе чини „симболични“ 720 денари

Од 1 јануари 2026 година граѓаните ќе се соочат со значително зголемување на трошоците во здравствените установи. Иако од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) корекцијата ја оценуваат како „симболична“, новиот ценовник покажува осетен раст на партиципацијата, особено кај итните случаи и специјалистичките прегледи.

По повеќе од десет години без промени, Фондот одлучи да ги зголеми цените за основниот специјалистички и интернистички пакет, изјави генералниот директор на ФЗО, Сашо Клековски.

Тој појасни дека цената на специјалистичкиот преглед досега изнесувала 380 денари и не била менувана повеќе од една деценија.

„Сега цената се зголемува на 720 денари. Нето-ефектот од оваа одлука за здравствените установи ќе изнесува околу една милијарда денари годишно, од кои 80 отсто ќе одат во јавниот, а 20 отсто во приватниот сектор, бидејќи имаме комбиниран специјалистички систем“, изјави Клековски.

Тој додаде дека интернистичкиот пакет ќе има помал финансиски ефект, односно дополнителни околу 340 милиони денари годишно. Истовремено, ќе има и зголемување на партиципацијата кај одредени услуги.

„За услуга која досега се наплаќаше 40 денари, партиципацијата ќе изнесува 60 денари“, истакна Клековски, нагласувајќи дека станува збор за умерена корекција.