15 February, 2026

Кешишев да се ослободи од соизвршителската улога за убиствата на Вања и Панче, бара адвокатот Ефремов

Адвокатот Игор Ефремов, бранител на Влатко Кешишев, за „Скопје1“ изјави дека во законски предвидениот рок е поднесена жалба на првостепената пресуда со која неговиот клиент е осуден на доживотен затвор за грабнувањето и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Според Ефремов, во жалбата одбраната бара предметот да биде вратен на повторно одлучување или Кешишев да биде ослободен од соизвршителската улога во убиствата. Тој нагласува дека дејствијата што самиот Кешишев ги опишал во својата одбрана не можат правно да се квалификуваат како дејствија на соизвршител во кривичните дела за кои е првостепено осуден.

„Во жалбените наводи бараме предметот да се врати на повторно одлучување или да се ослободи од соизвршителската улога во убиствата, при што особено треба да се имаат предвид дејствијата опишани од страна на обвинетиот Кешишев, кои не можат да се третираат како дејствија на соизвршител“, изјави Ефремов.

Одбраната, меѓу другото, побарала и одржување јавна седница пред Апелациониот суд, на која детално ќе ги образложи жалбените аргументи и ќе укаже на, како што наведуваат, суштинските пропусти во првостепената пресуда.

„Сметаме дека судот донел неправилна одлука во делот што се однесува на обвинетиот Кешишев, а со тоа и во однос на изречената казна. Очекуваме Апелациониот суд да ја согледа оваа состојба и да донесе правилна и законита одлука“, додаде Ефремов.

Жалбата сега е во надлежност на Апелациониот суд Скопје, кој треба да одлучи дали ќе ја потврди, укине или преиначи првостепената пресуда. Судија-известител за предметот е Ѓоко Ристов, а предметот веќе е доставен на мислење до Вишото јавно обвинителство Скопје.

Во првостепената пресуда, судијата Ивица Стефановски на Љупчо Палевски и на останатите обвинети – Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев – им изрече по 10 години затвор за кривичното дело грабнување на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, како и доживотна казна затвор за двете убиства.