15 February, 2026

ТАЖЕН КРАЈ НА ПОТРАГАТА: Пронајдено телото на Петар Стојановски во Вардар

Дводневната потрага по 71-годишниот Петар Стојановски, која ги обедини скопјани на социјалните мрежи, за жал заврши трагично. МВР потврди дека неговото безживотно тело е пронајдено и извлечено од водите на реката Вардар.

Според официјалните информации, телото било забележано вчера попладне околу 14:20 часот во атарот на скопското село Трубарево. По идентификацијата, потврдено е дека станува збор за П.С. од Скопје, кој исчезна на 23 декември откако рано наутро го напуштил својот дом.

Потрагата доби големо внимание откако неговиот син, Владимир Стојановски, преку емотивен апел побара помош, истакнувајќи дека татко му боледува од деменција и најверојатно излегол облечен само во пижами на ниските температури.

И покрај надежите и вклученоста на граѓаните, епилогот беше фатален. Владимир денеска ја потврди тажната вест и се заблагодари за поддршката:

„Сакам да ве известам дека татко ми е пронајден. Нека му е лесна земјата. Немаме зборови да ви благодариме за целата грижа, поддршка и споделување. Останете убави и добри луѓе“, напиша тој.

Телото е предадено на обдукција по наредба на јавен обвинител.