Родителите на загинатите во т.н. кабаре „Пулс“ изразија сомнеж дека токсиколошките анализи за причините за смрт на нивните деца не се целосни и побараа дополнителни вештачења.
Пред денешното судско рочиште, Александар Наунов – татко на загинато девојче и претседател на Здружението „16 Март 2025 Кочани“, изјави дека постои сериозен јаз меѓу институционалните тврдења и обдукциската документација. Тој посочи дека иако Обвинителството се повикува на труење со јаглерод моноксид како причина за смртта, не е јасно дали е направена конкретна токсиколошка анализа за цијанид и други отровни гасови.
„Институциите признаваат можност за испуштање на цијанидни гасови при пожарот, но нема јавен доказ дека тие биле анализирани во телата на жртвите. Во обдукциските наоди стои дека ќе следуваат дополнителни токсиколошки анализи, но тие не се доставени“, изјави Наунов.
Тој нагласи дека водородниот цијанид не се детектира рутински и бара специфично испитување, а може да предизвика смрт и при ниски вредности. Според него, кај дел од жртвите регистрираните вредности на јаглерод моноксид биле ниски и медицински недоволни за фатален исход.
„Сѐ додека не се објават резултатите од сите токсиколошки анализи, не може со сигурност да се тврди дека причината за смрт е целосно и точно утврдена“, порача Наунов.

