Апелациониот суд во Гостивар им ги зголеми затворските казни на Флорим Бесими и Артан Етеми, обвинети за пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово во кој загинаа 14 лица. Наместо една и пол година, двајцата добија по три години ефективен затвор.
Бесими, тогашен директор на Клиничката болница Тетово, и Етеми, економски директор, се прогласени за виновни за тешки дела против општата сигурност, поради непоставување противпожарна опрема. Апелација постапувала по жалбите на Обвинителството и одбраната, а одлуката е објавена вчера.
Со истата пресуда, Клиничка болница Тетово е казнета со 1,3 милиони денари, што е зголемување од првостепената казна. Докторот Бобан Вучевски, обвинет за прекршување на епидемиските мерки, е ослободен од вина.

