15 February, 2026

Блокирана Пластичарска

Прекин во снабдувањето со електрична енергија денеска предизвика револт кај дел од жителите на скопската населба Серава, кои спонтано организираа протест и ја блокираа улицата Пластичарска, во близина на булеварот „Никола Карев“.

Според теренски информации, на протестот се собрале околу 50 до 60 граѓани, кои излегоа на улица поради ненадејното исклучување на струјата од страна на ЕВН, за да го искажат своето незадоволство.

Блокадата предизвика целосно пренасочување на сообраќајот на булеварот „Никола Карев“ во двата правци, што доведе до застои и отежнато движење во овој дел од градот.

На местото на настанот се присутни надлежни служби кои ја следат состојбата, се грижат за безбедноста и го регулираат сообраќајот. Граѓаните истакнуваат дека ненадејниот прекин на електричната енергија им создава сериозни проблеми во секојдневното функционирање.

Засега нема пријавено инциденти, а се очекува ЕВН и надлежните институции да излезат со официјален став и појаснување за причините и времетраењето на прекинот.