Интер ИКЕА Груп, глобалниот франшизер на шведскиот малопродажен гигант за мебел ИКЕА, официјално ги демантираше наводите дека се подготвува отворање продавници во Северна Македонија, по информациите што деновиве се појавија во дел од домашните медиуми за наводни разговори за влез на компанијата на македонскиот пазар.
Од групацијата посочуваат дека, иако постојано ги анализираат можностите за проширување на ИКЕА концептот на нови и постојни пазари, во моментов не постои конкретен план за отворање ИКЕА продавница во земјава.
„Интер ИКЕА Груп континуирано ги разгледува можностите за проширување на ИКЕА концептот и на постојните и на нови пазари, со цел да се доближи до што повеќе луѓе. Сепак, заклучно со денес, нема планови за отворање ИКЕА во Северна Македонија“, соопшти компанијата во одговор на новинарско прашање.
Претходно, дел од медиумите објавија информации дека ИКЕА наводно разгледува можност за отворање продажен објект или дистрибутивен центар во Македонија, што предизвика интерес кај јавноста, особено поради зголемениот број македонски граѓани кои купуваат ИКЕА производи во соседните земји.
ИКЕА во моментов е присутна во повеќе држави од регионот, меѓу кои Хрватска, Словенија, Србија, Романија, Бугарија и Грција, каде што компанијата има развиена мрежа на продажни салони и логистички центри. За дел од македонските потрошувачи, најблиските ИКЕА продавници се наоѓаат во Солун и Софија, што дополнително го зголемува интересот за евентуално отворање на продавница во земјава.
Од Интер ИКЕА Груп, сепак, не прецизираат дали Северна Македонија е вклучена во нивните среднорочни или долгорочни стратегии за проширување, ниту дали се водат неформални анализи за пазарниот потенцијал. Компанијата нагласува дека секоја одлука за влез на нов пазар зависи од повеќе фактори, меѓу кои економските услови, куповната моќ, логистичката инфраструктура и одржливоста на бизнис моделот.

