Обдукциските извештаи покажуваат дека ниту една од 50-те жртви од пожарот во кочанскиот див ноќен клуб „Пулс“, кај кои како официјална причина за смрт е наведено задушување со јаглерод диоксид, немале концентрации кои се сметаат за фатални. Наместо тоа, наодите укажуваат на присуство на исклучително токсични гасови ослободени при горење на материјали во објектот.
Според хемиските и градежните вештачења, како и сведоштвата на преживеаните и службите вклучени во интервенцијата ноќта на 16 март годинава, во клубот гореле материјали како полиуретански сунѓер, кој при согорување ослободува водороден цијанид – смртоносен гас што може да предизвика нагла смрт за неколку минути.
И покрај тоа што обвинителите и судско-медицинските вештаци биле запознаени со можноста за труење со цијанид, во текот на истрагата не било направено испитување за негово присуство во телата на жртвите, објави Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
Сведоштвата на медицинските екипи и преживеаните дополнително ја засилуваат оваа теза. Дел од жртвите, иако на прв поглед без тешки повреди, колабирале и умирале за неколку минути, а очевидци опишуваат чувство на горење без видлив пламен и паѓање црни, лепливи капки од плафонот.
Пожарникари и медицински работници кои интервенирале таа ноќ сведочат за невообичаен, остар и тежок мирис, различен од сè што претходно го искусиле при пожари, а дел од нив подоцна завршиле и на токсиколошко лекување.

