15 February, 2026

Нефи Усеини кој тепаше советник, синот на Цветанка Иванова, браќата Ибиши – Кој доби дел од тендерот за зимско одржување на патиштата

Фирмата на контроверзниот бизнисмен од Охрид, Нефи Усеини, доби околу 70.000 евра од тендерот за зимско одржување на државните патишта, чија вредност изнесува околу 3 милиони евра, објавен од Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, пишува Фактор.

Меѓу фирмите кои ја поделија набавката се и „Диктор ЦД“ на Зоран Иванов со над 642.000 евра, „ЈА-МИ“ на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев (580.500 евра), „Ган-Логистик“ на Бурим и Насер Ибиши и Кренар Ибраими (639.000 евра), тетовската „Инфраструктура“ на Абдурахим Алија (544.700 евра), „Јан Констракшн“ на Доста Стојаноска и Наташа Јанкулоска (390.200 евра) и битолската „Зимак“ на Роберт Рајкоски (71.500 евра).

Договорите се склучени за сезоната 2025/2026 година, а Јавното претпријатие ангажира трети лица бидејќи само не може да се справи со снегот. Според условите, камионите треба да имаат вграден ГПС, а возачите да носат храна за цел ден.

Нефи Усеини е поранешен политичар и советник во Општина Охрид, избран од редовите на ДУИ, управител и сопственик на неколку фирми со различни дејности, вклучувајќи угостителство.