Напната атмосфера владее пред денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС), закажана за 12 часот. Владата и синдикатите седнуваат на иста маса, а Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) настапува со јасен став – без разговор за платите, нема социјален дијалог.
Од ССМ реагираат дека клучните прашања за животниот стандард, меѓу кои минималната плата и потрошувачката кошничка, воопшто не се ставени на дневен ред, што, како што велат, е сериозно разочарување.
Претставникот на ССМ, Иван Пешевски, порача дека синдикатите ќе побараат минимална плата од 600 евра и линеарно зголемување на сите останати плати, нагласувајќи дека граѓаните веќе тешко ја одржуваат куповната моќ поради постојаните поскапувања.
Доколку Владата одбие да отвори дијалог за платите и стандардот, од ССМ најавуваат напуштање на ЕСС и радикализација на синдикалната борба.
„Ако не се разговара за работничкиот стандард, нема причина да останеме дел од Советот“, порача Пешевски, најавувајќи протести, штрајкови и користење на сите законски механизми за заштита на работничките права.

