15 February, 2026

Ниту еден авион во Скопје: Густата магла ги приземји сите летови

Поради густата магла, утрово се откажани сите летови од Меѓународниот аеродром Скопје. Откажани се летовите на „Визер“ од Скопје до Дортмунд, Брисел, Париз, Љубљана, Базел, Меминген и Венеција, како и летот до Загреб на „Кроација ерлајнс“ и до Истанбул на „Туркиш ерлајнс“.

Во моментов на скопскиот аеродром нема ниту еден авион. Ниту еден од шесте авиони на „Визер“, кои се стационирани во базата во Скопје, не успеал вчера да слета поради неповолните временски услови. Авионите биле пренасочени кон аеродромите во Приштина, Софија, Тирана, Солун и Охрид.

Екипажите на „Визер“ утрово патуваа до аеродромите каде што слетаа авионите и од таму ќе реализираат дел од денешните летови, со цел да ги преземат патниците чии летови беа откажани.

Вчера, поради екстремно намалената видливост – под 100 метри – на Меѓународниот аеродром Скопје слетаа само три авиони, кои подоцна успеале и да полетаат откако временските услови кратко се подобриле. Скопскиот аеродром располага со систем за инструментално слетување од категорија 1, што не дозволува операции при ваква ниска видливост.