Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против 56-годишен маж, осомничен за кривично дело телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 и кривично дело полов напад и силување од член 186 став 7 во врска со став 3 од Кривичниот законик.
Според информациите од Обвинителството, осомничениот на 18 декември попладне, во заедничкиот дом на улицата „Васко Карангелевски“ во Битола, физички ја нападнал својата вонбрачна партнерка. Ја удирал по телото, лицето и главата, а во еден момент зел трпезариска столица и ја удрил и со неа.
Потоа, насилно ја влечел и ја носел кон терасата, заканувајќи ѝ се дека ќе ја фрли. Како последица на нападот, жената се здобила со телесни повреди.
По физичкиот напад, осомничениот ѝ наредил да се соблече за да имаат сексуални односи. Откако оштетената одбила, тој насилно ја соблекол и ја принудил на други полови дејствија, наведуваат од Јавното обвинителство.
Јавниот обвинител, имајќи ги предвид сите околности на случајот, до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Битола доставил предлог за определување мерка притвор. Како причини се наведуваат опасноста од бегство, како и ризикот осомничениот да продолжи со вршење на дела на семејно насилство кон жената со која живее во ист дом.

