Маглата во скопската котлина денеска предизвика пореметувања во авиосообраќајот на Меѓународниот аеродром Скопје. Дел од летовите се реализираат со задоцнување, а еден лет е целосно откажан.
Неповолните временски услови влијаат и на слетувањата и на полетувањата. Најголемо доцнење кај пристигнувањата има летот на „Пегасус“ од Истанбул (Сабиха Гокчен). Летот на „Виз Ер“ од Дортмунд ќе пристигне со околу 30 минути задоцнување, додека летот на „АЏет“ од Истанбул е откажан.
Летовите од Нирнберг, Фридрихсхафен и Виена засега се реализираат според планираниот распоред.
Доцнења се регистрирани и кај заминувањата од Скопје. Летот на „Виз Ер“ за Париз е одложен за 35 минути и е најавено дека ќе полета во 13:00 часот. Летот на „Туркиш ерлајнс“ за Истанбул ќе полета со задоцнување од еден час и 20 минути, односно во 14:20 часот.

