Кадир Кара, турски државјанин обвинет за убиство со умисла на својот сонародник Енес Оздемир, пред судот го призна делото, но тврдеше дека не станува збор за планирана ликвидација, туку за самоодбрана.
На рочиштето, Кара изјави дека во кафулето во центарот на Штип отишол со намера да разговара со Оздемир, но ситуацијата, според него, ненадејно ескалирала.
„Кога влегов, видов дека не е сам. Имаше уште седум лица блиски до него. Проценив дека ми подготвуваат заседа и реагирав за да си го заштитам животот“, изјави Кара пред судот.
Врз основа на ваквата одбрана, неговиот адвокат побара преквалификација на делото во т.н. „убиство на миг“, тврдејќи дека обвинетиот постапил импулсивно, под силен страв.
Обвинителството не прифаќа: Организирано и дрско убиство
Обвинителството, пак, останува на ставот дека станува збор за однапред испланирано и организирано убиство. Според обвинението, петмина осомничени на 8 мај годинава во Штип учествувале во извршување на тешко кривично дело со јасна логистичка поддршка.
Како дополнителен аргумент, обвинителството го посочува криминалното минато на инволвираните. Главниот обвинет, Кара, престојувал нелегално во државата и поседувал огнено оружје без дозвола, а во Турција претходно бил осудуван за слични кривични дела.
Двајца од обвинетите за помагање, исто така, имале криминални досиеја во Турција и во Македонија се криеле користејќи лажни идентитети.

