Со правосилна судска пресуда, донесена пред неколку дена, е утврдено дека директорот на Алфа ТВ, Јани Бојаџи, во подолг временски период психички го вознемирувал тогашниот извршен продуцент во телевизијата, Ненад Мирчевски, објави „Фокус“.
Судската постапка траела речиси четири години, по што Мирчевски извојувал конечна победа, со што случајот е оценет како јасен и школски пример на мобинг на работното место.
Во текот на постапката биле донесени вкупно шест судски одлуки. Првично, Основниот граѓански суд пресудил во корист на Мирчевски, но Апелацискиот суд ја укинал пресудата и ја вратил на повторно судење. По втората пресуда во корист на тужителот, Апелација повторно одлучила во корист на Бојаџи. Случајот потоа бил упатен на ревизија до Врховниот суд, кој пресудил во корист на Мирчевски и предметот повторно го вратил на Апелација, која на крај донела конечна одлука во корист на тужителот.
Адвокатката на Мирчевски, Маја Ристова, оцени дека станува збор за значајна судска победа.
„Со правосилна судска пресуда се утврди дека Јани Бојаџи, како директор на Алфа ТВ, во подолг временски период психички го вознемирувал мојот клиент Ненад Мирчевски. Ова е јасна потврда дека истрајноста, и покрај долгиот и тежок судски процес, на крај носи резултати“, изјави Ристова.
Според пресудата со која располага „Фокус“, судската постапка за психичко вознемирување на работното место била поведена на 9 февруари 2021 година.
Во образложението се наведува дека Бојаџи на Мирчевски му доделувал бесмислени работни задачи, го психички малтретирал, изолирал, му предизвикал чувство на страв, како и професионално и кариерно го деградирал, при што во период од околу една година вршел класичен мобинг на работното место.

