Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), каде што почина новороденче, денеска преку соопштение информира дека обдукцијата не покажала физички повреди на ниту еден орган. Како причина за смртта е наведена респираторна инсуфициенција како резултат на респираторен дистрес синдром, односно незрелост на белите дробови.
Од Клиниката посочуваат дека по добивањето на резултатите, семејството било уредно повикано и лично информирано за сите наоди. За понатамошно расчистување на случајот, Министерството за здравство формирало стручна комисија која треба да утврди дали имало евентуални неправилности во лекувањето.
„Согласно заклучоците, Клиниката ќе постапи по сите законски процедури за евентуално поведување дисциплинска постапка во предвидениот рок. Како установа изразуваме длабока жалост и сочувствуваме со болката и загубата на семејството. Вработените на ГАК секојдневно се борат за животите на новороденчињата, но за жал, се случуваат и загуби кои ги доживуваме и професионално и емотивно“, стои во соопштението.
Министерот за здравство, Азир Алиу, на прес-конференција изјави дека стручната комисија веќе е формирана и апелираше да се почитуваат процедурите и да се почекаат извештаите од сите надлежни институции пред да се донесуваат заклучоци.

