Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во гостување во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 откри дека Градот работи на проширување на новогодишната програма што ќе се одржи на плоштадот „Македонија“.
Тој изјави дека ја уважил забелешката на дел од албанските новинари, кои прашале зошто во програмата нема ниту еден албански изведувач, иако целиот проект е поддржан од Државната видеолотарија.
„Разговарав со мојот тим во Град Скопје и ќе се обидам да обезбедам и албански пејач или пејачка што ќе настапи за Новата година“, изјави Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека целта е програмата да биде поразновидна и поинклузивна.

