Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски очекува поддршка од пратениците за измените на Законот за прекршоци и на Кривичниот законик, кои се последни од пакетот законски измени неопходни за официјалната примена на системот „Безбеден град“. Системот од почетокот на месецов е во пробна функција.
Тошковски синоќа, во гостување на ТВ Канал 5, изјави дека останува најавата за официјален старт на „Безбеден град“ од 1 февруари, согласно досегашните реакции и процедурата што треба да ја поминат уште двата закони – Законот за прекршоци и Кривичниот законик.
„За измените на Законот за прекршоци, кој е во втора фаза во Собранието, потребно е двотретинско мнозинство, додека за Кривичниот законик е потребно просто мнозинство. Се надевам дека сериозноста на овој проект ќе биде препознаена од сите пратеници и дека ќе дадат поддршка за да може да започне неговата примена“, изјави Тошковски.
Министерот потврди дека примената на системот ќе се пролонгира доколку Собранието не ги усвои измените на Законот за прекршоци.
„Верувам дека овој закон треба да биде поддржан од сите пратеници. Целта е спасување човечки животи“, нагласи Тошковски.
Според него, за време на 15-дневниот пробен период во Скопје, граѓаните покажале дека можат да бидат поодговорни учесници во сообраќајот. Притоа, на Клиниката за трауматологија е регистрирано намалување од околу 20 проценти на бројот на пациенти кои се задржуваат поради тешки телесни повреди, како и намалување од 15 до 20 проценти на бројот на пациенти донесени на клиниката.
Тошковски увери дека техничките проблеми детектирани во пробниот период ќе бидат надминати до 1 февруари.
Тој најави дека со подзаконски акти ќе се утврди дозволеното пречекорување на брзината, согласно европските стандарди, кои се движат од три до десет километри на час над дозволеното. Истовремено, ќе бидат јавно објавени и локациите на кои ќе бидат поставени камерите, бидејќи, како што истакна, крајната цел е намалување на брзината на движење и намалување на бројот на жртви и повредени во сообраќајни несреќи.
„Се врши и ревизија на сообраќајната сигнализација. Секаде каде што ќе има камера за констатирање пречекорување на брзината, задолжително ќе биде ревидиран и сообраќајниот знак, согласно важечкиот сообраќаен проект“, изјави Тошковски.

