Еве кога ќе профункционираат камерите во сите градови од Македонија
Еве кога ќе профункционираат камерите во сите градови од Македонија
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека системот „Безбеден град“ до јуни–јули следната година треба да биде имплементиран на целата територија на државата, а до крајот на 2026 година во сите градови како паметен систем, во согласност со европската стратегија „нула жртви“.
Тој истакна дека тест-периодот трае до 1 февруари и дека првичните резултати покажуваат подобрено однесување на возачите и намалување на сообраќајните незгоди со тешки последици. Нагласи дека никој нема да биде изземен од системот, освен службените возила во итни интервенции, посочувајќи дека и самиот добил опомена за сообраќаен прекршок.
Тошковски информираше и дека по 25 години се враќа средното полициско училиште, со што се создаваат услови за обновување на професионалните полициски кадри. Првата генерација се очекува за околу две и пол години, а тој ги повика заинтересираните ученици од втора година средно образование да се пријават.
Министерот додаде дека државата има доволен број полицајци, но проблемот е во досегашното нефункционално управување со кадрите. Најави нова систематизација во МВР од мај 2026 година и поголема видливост на полицијата на терен, со зголемување на бројот на униформирани службеници.

