Андреј Жерновски од СДСМ предупредува дека прифаќањето емигранти без јасна стратегија и информации од институциите го става земјата во сериозна опасност.
„Слушаме дека за секој емигрант ќе се плаќа по 20.000 фунти. Тие лица, кои Велика Британија ги одбива, ќе се движат слободно низ нашата земја“, рече Жерновски во гостување на „Телма“.
Според него, овие емигранти нема да бидат сместени во контролирани кампови, туку ќе имаат право на слободно движење и користење работни места, што носи сериозни безбедносни ризици.
„Не сакам моите деца, ниту децата на било кој граѓанин, да гледаат насилство, грабежи или криминал во нашата земја“, нагласи тој.
Жерновски истакна дека процесот се одвивал без консултации со граѓаните и без транспарентни информации од државата. „Бараме одговори – зошто вистината ја дознаваме преку медиуми од друга држава, а не од сопствената влада?“ додаде тој.
Тој апелираше за итна реакција од институциите, бидејќи откако емигрантите ќе бидат примени, нема можност за враќање назад.

